Хрватскиот весник „Вечерњи лист“ пишува дека хрватската Влада не се откажува од купување воени авиони, додавајќи дека една од опциите е Французите на Министерството за одбрана да му понудат користени модели на борбениот авион „Рафал“.

-Никој во владата дури и не размислува да се откаже од набавката на борбени авиони, тврдат за весникот неименувани лица вклучени во набавката, истакнувајќи дека контактите со понудувачите траат цело лето.

По избувнувањето на кризата со коронавирусот и земјотресот во Загреб, премиерот Андреј Пленковиќ на владина седница на почетокот на април соопшти дека процесот за набавка на борбени авиони ќе се одложи.

„Вечерњи лист“ посочува дека е одреден нов датум, почетокот на септември, и дека подоцна се дознало дека одложувањето е побарано од САД и Франција.

Во игра се новиот американски „Ф-16 Блок 70“, новиот шведски „Грипен Ц/Д“ и од користените авиони – грчки, израелски и норвешки „Ф-16“, како и француските „Рафал„ и италијанскиот „Еурофојтер“.

Хрватското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на јули во Загреб престојувала високата воена делегација од Франција, која најавила дека се подготвени да дадат многу сериозна понуда.

„Вечерњи лист“ посочува дека Франција досега не покажала голем интерес за хрватскиот тендер и потсетува дека во јули во францускиот Парламент се појави драматичен извештај за производство на борбени авиони „Рафал“ затоа што производителот „Дасо“ соопшти дека добиваат откажувања на нарачки и дека спас и надеж гледаат во  тендерите во Финска и Швајцарија во 2021 година.

Во истиот извештај се споменува и Хрватска, која е оценета како „ветувачка“, затоа што нејзе ќе треба да и се продадат ескадрила користени авиони „Рафал“.

Весникот забележува дека Французите досега никому се продале користени авиони „Рафал“, особено не оние што се покажаа ефикасни и се тестирани во воени услови, особено во Либија, каде, како што се тврди, биле единствените авиони што напаѓале без придружба и заштита од ловци.

Двомоторецот „Рафал“ се покажа дека е способен истовремено да извршува задачи и на бомбардер и на пресретнувач.

По отворањето на тендерот, понудите ќе бидат разгледувани неколку месеци, со продолжување на разговорите со понудувачите. Претходно беше објавено дека процесот на селекција може да трае од четири до пет месеци, но се уште не е објавено дали останува овој дел од планот, или дали, заради новите околности и финансиски проблеми заради коронавирусот, на преговарачкиот процес ќе му се даде повеќе време.

Владиниот комитет, по завршувањето на тендерската постапка,  на Владата и на Претседателот на Републиката ќе треба да им даде препорака, по што ќе следи и конечниот избор на авионот, додава „Вечерњи лист“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.