Инцидентот и судирот меѓу полицијата и група млади лица што вчера се случи во дворот на Економскиот факултет во Атина, беше причина за остри критики, обвинувања и конфронтација меѓу владата и опозицијата во Грција, но и реакција од студентите.

Од СИРИЗА обвинуваат за авторитарно однесување, додека Владата наведе дека тие едноставно ги спроведуваат законите, а студентите синоќа одржаа протест во Атина.

Преку соопштение, од опозициската СИРИЗА истакнуваат дека станува збор за упад на полицијата, која без да биде предизвикана нападнала студентки, студенти и новинари и станува збор за обид на Владата да го оттргне вниманието од „фијаското во управувањето со бегалското прашање“.

СИРИЗА го осудува автоританиот пад на владата на Мицотакис, кој единствено што постигнува со неодговорноста е да предизвика опасни ситуации, тврди грчката опозициска партија.

На денешниот брифинг со новинарите, заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката Влада, Стелиос Пецас наведе дека не станува збор за упад, туку за спроведување на законите, објасни дека владата е решена да стави крај на „скривалиштата на маскираните лица, на оние кои прават молотови коктели и шверцуваат дрога во внатрешноста на универзитетите” и истакна дека универзитетите ќе им се вратат на студентите.

 Полицијата не интервенира на Универзитетите бидејќи така сака. Тоа не е упад, туку спроведување на законот, рече Пецас, кој упати обвинувања до СИРИЗА дека го поддржува безредието.

По вчерашните инциденти од грчката полиција преку соопштение објаснуваат дека полицајците биле нападнати во обид да спречат група од околу 100 лица да влезат во дворот на Економскиот факултет, откако претходно успеале да го скршат катанецот, па затоа и интервенирале со солзавец. А во инцидентите биле повредени двајца полицајци, а приведени три лица.

Сионоќа пак, стотици студенти излегоа на мирен протест во центарот на Атина, против, како што велат полицискиот упад и укинувањето на студентскиот имунитет.

По изгласаното од Парламентот укинување на студентскиот имунитет, се отвори патот за полицијата да интервенира во внатрешноста на Универзитетите доколку смета или постојат пријави за нелегални дејствија.

Во тие рамки, грчката полиција во неделата спроведе акција во просториите што беа под опсада во Економскиот факултет во Атина, што беше причина за вчерашните инциденти, но и за одлуката на Деканатот факултетот од вчера до 17 ноември 2019 да биде затворен.

Од грчката полиција, рекоа дека акцијата била во рамки на истрагата спроведена во простори кои што се под опсада и се користат како „бази“ за напади кон полицајците, но и места кои служат за подготовка и складирање на предмети и механизми што се употребуваат во нападите. При упадот во трите простории што биле под опсада, грчката полиција пронашла празни стаклени шишиња, шлемови, маски за лице, стапови, апарати за гасење пожар, камења и делови од меремер што се користат за напади кон полицијата.

Последните случувања во Грција предизвикуваат загриженост, со оглед на тоа дека се на само неколку дена од годишнината од студентскиот бунт против хунтата, што секоја година на 17 ноември се одбелжува со протест, а доста често завршува со инциденти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.