Полициски час од 23 до 5 часот наутро, собири со најмногу десет лица, угостителските објекти со работно време до 22.30 часот, се дел од новите вонредни мерки на Кипар што стапуваат денеска на сила, а ќе важат до 30 ноември.

Новите мерки, синоќа ги објасни министерот за здравство Констандинос Јоану, кој соопшти дека се поделени во три категории: среднорочни мерки до 15 јануари 2021 година, вонредни – до крајот на месецов и локални мерки.

Во првата категорија се мерките што се однесуваат на целата земја и ќе бидат во сила до средината на јануари следната година.

Кината и театрите ќе работат со 50 отсто од капацитетот; дозволено е одржување конференции и манифестации со најмногу 250 лица, согласно протоколите и одржување растојание од три метри меѓу учесниците, но без паузи за кафе; во продавниците за храна (супермаркети, минимаркети, месарници и сл) и во аптеките, од почетокот на работното време до 9 часот наутро и од 13 до 14 часот ќе услужуваат само лица над 65 години и лица со инвалидитети, а употребата на маска за сите над 12 годишна возраст е задолжителна и надвор и внатре.

Од 13 ноември забранети се коктел забавите на свадбите и крштевките, а дозволено е само физичко присуство на ручек или вечера со присуство на најмногу 150 лица.

До крајот на месецов, се воведуваат вонредни мерки, меѓу кои и: дозволени собири на јавни места и во домовите, на најмногу десет лица (вклучително и децата); скратено работно време на угостителските објекти до 22.30 часот; најмногу шест лица на маса во рестораните и кафулињата; полициски час од 23 часот до 5 часот наутро; религиозните обреди не смеат да бидат со над 75 лица, дозволени се спортски натпревари, но без публика.

Во третата категорија се локалните мерки што важат за Лемесос и Пафос.

Министерот за здравство на Кипар изјави дека дополнително се препорачува, онаму каде што е изводливо, да се воведе работа од дома, вработените да имаат различни паузи, поделени во групи, одржување состаноци преку видеоконференции.

Од почетокот на епидемијата, на Кипар се регистрирани 5.100 случаи на Ковид-19, од кои 1.135 во измината недела, а починале 34 лица позитивни на корона вирусот, но само кај 26 лица, причината за смртта бил Ковид-19.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.