Само во надворешните делови, без музика, со ограничено работно време до 22,45 часот, под строги протоколи утре, по пауза од точно шест месеци, во Грција повторно се отвораат угостителските објекти, а во изминатите денови, особено пред Велигден, сопствениците интензивно работеа на подготовките, јави дописничката на МИА од Атина.

Со отворањето на кафулињата, рестораните и таверните, дополнително се скратува полицискиот час, па од утре ќе биде од 23, наместо од 22 часот.

Угостителските објекти ќе работат под конкретни протоколи, само во летните тераси, забрането е стоење, дозволено е најмногу шест лица на една маса, а масите треба да бидат на растојание од 0.90 до 1.80 см, во зависност од поставеноста на столчињата.

Маската е задолжителна за персоналот, а постои силна препорака да ја користат и посетителите.

За вработените задолжителен е селф тест, односно тест за домашна употреба два пати седмично, а трошоците за еден од тестовите ќе ги покрива државата.

Откако беше соопштен датумот на отворање, сопствениците работат под полна пареа: бојадисување, средување, но и мерење на растојанието меѓу масите.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, велат дека за утре сѐ ќе биде подготвено, иако изразуваат незадоволство што не е дозволена музика.

Уште од минатата седмица почнаа да се јавуваат за резервации. Очигледно на граѓаните толку многу им недостасуваа угостителските објекти, што сакаат на време да си обезбедат маса и не сакаат да ризикуваат, вели сопственик на таверна.

Во Атина, постојат кафулиња кои одлучија да го одложат отворањето, бидејќи не се согласуваат да работат без музика.

Сопствениците коментираат дека за нив, важно е што ќе отворат, но велат дека она што е најважно е повторно да не бидат затворени.

Од почетокот на пандемијата, во изминатите 15 месеци, угостителите во Грција беа затворени вкупно осум месеци, два за време на првиот и шест за време на вториот карантин.

Отворањето на угостителските објекти, не значи и крај на карантинот во земјата, воведен на 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека и за одење на кафе/пијалак или во ресторан, граѓаните ќе треба да испратат смс порака, нешто што е веќе секојдневие во Грција во изминатите шест месеци.

Во рамките на владиниот план за постепено олабавување на мерките, по угостителските објекти, од следниот понеделник на 10 мај во училишните клупи се враќаат сите ученици, додека пак за 15 мај е закажан официјалниот почеток на туристичката сезона.

Заедно со туризмот, ќе се отворат и организираните плажи, по над шест месеци ќе се укине испраќањето смс пораки за движење на граѓаните и ќе биде дозволено патување меѓу региони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.