Амбасадорот на Србија во Бугарија по налог на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ќе биде повикан на состанок во бугарското МНР поради изјавата на министерот за надворешни на Србија Ивица Дачиќ за бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како што пренесува агенцијата БТА на интернет страницата, амбасадорот е повикан поради коментарот на Дачиќ на изјавата на Борисов на прес конференцијата на шефовите на влади на Германија, Полска, Бугарија и Македонија во Познањ.

Дачиќ, пак синоќа изјави дека по негова наредба, бугарскиот амбасадор во Белград бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи.

Србија со Бугарија како соседна земја сака добри, пријателски и сојузнички односи, што подразбира високо ниво на разбирање за најважните интереси на двете земји и на две нации!

Како што имаме разбирање за прашањето за бугарскиот национален идентитет, јазикот или Гоце Делчев, исто така очекуваме разбирање за важноста на косовското прашање за српскиот народ. Затоа, оваа изјава на бугарскиот премиер не се однесува на прашањето за квотата за риболов или квалитет на српско сирење во преговорите со Европската унија, туку се осврнува на прашањето за територијалниот интегритет на Србија – нагласува Дачиќ во изјава за Танјуг.

Како што истакна, ваквите изјави мора да бидат прецизни, бидејќи не е точно дека целата Европска Унија има единствен и заеднички став за независноста на Косово.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во Познањ на самитот за Западен Балкан му порача на бугарскиот премиер Бојко Борисов да го почитува ставот на ЕУ за независноста на Косово и да не му „држи лекции” на новоизбраниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Дачиќ реагираше на изјавата на Борисов дека шпанскиот дипломат треба да ги застапува интересите на ЕУ за независноста на Косово, а не и на неговата земја, која не го признава Косово.

Бојко, има да го почитуваш ставот на ЕУ, а не да му држиш лекции на Борел. На што тоа ти личи, тоа е безобразно. Најмногу ме нервира лицемерието, доста ми е повеќе од тоа. Да не кажувам дека тој доби наш орден – рече Дачиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.