Уште едно лице во Грција го загуби животот од Ковид-19, што воедно е и петтата жртва на коронавирусот кај јужниот сосед, додека пак во изминатите 24 часа регистрирани се 35 нови случаи, со што вкупниот број се искачи на 387, јави дописничката на МИА од Атина.

Претставникот за коронавирусот на Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на попладневната редовна прес конференција ги соопшти последните податоци: од вкупниот број случаи, повеќето се во Атина, 60 се од неодреден извор, анализирани се 4900 примероци, хоспитализирани се 70 лица, од кои 11 (мажи, на просечна возраст 69 години) се поврзани на апарати во болниците во Атина, Патра и Солун, додека пак 14 се пуштени од болница.

Во однос на починатите, Циодрас рече дека сите се мажи кои имале здравствени проблеми, а нивната просечна возраст е 68 години.

За секои пет пациенти кои што се критично болни, хоспитализирани на интензивна нега, зад нив се други 95, кои во 85 отсто од случаите имаат лесен облик на болеста, а 10-15 проценти од случаите среден кон сериозен облик на болеста – објасни епидемиологот.

Паралелно, Циодрас соопшти дека се одложуваат сите редовни операции во приватните болници во Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.