Безживотно тело на петгодишно момче било пронајдено во заклучен автомобил на паркинг во Книн, Хрватска. Според изворите на хрватски „Индекс“, таткото, мајката и момчето утрото заедно излегле од дома и влегле во автомобилот. Таткото, инаку војник, прво ја однел мајката на работа, а потоа, пред да замине на работа, требало да го однесе синот во градинка.

Најверојатно, пишува порталот, таткото отишол на работа и не сфатил дека детето, кое спиело на задното седиште од автомобилот, не го однел во градинка и дека тоа сè уште е во автомобилот. Тој го паркирал автомобилот и заминал во касарната. Температурата во Книн вчера беше над 28 Целзиусови степени под сенка.

Засега не е познато дали момчето се разбудило и дали се обидувало да повика помош. Блиску до паркингот се гради, додава „Индекс“, па можно е поради бучавата никој да не го слушнал. Автомобилот марка „бе-ем-ве“ бил со затемнети задни стакла, па затоа очигледно никој не го ни видел.

Околу 15 часот мајката дошла да го земе момчето во градинката, но ѝ кажале дека детето никогаш не дошло. Кога му се јавила на сопругот, тој бил убеден дека го оставил, па биле прегледувани и снимките од надзорните камери.

Кога сфатил дека момчето не е во градинка, таткото истрчал кон автомобилот, го отклучил и го пронашол неговиот син во бесознание. Се обидел да го реанимира, но било залудно. Таткото, како што изјавија жителите на Книн, на крајот се онесвестил пред автомобилот.

Брза помош ја потврдила смртта на момчето, а полицијата започна истрага која треба да ги расветли сите детали. Се спроведува и кривична истрага за таткото на момчето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.