Словенечката влада одлучи да издвои вкупно пет милиони евра за субвенционирање на комерцијални авиокомпании, кои ќе бидат подготвени да обезбедат најмалку две линии неделно за поврзување на Љубљана со другите големи европски аеродроми во 2021 година.

Заинтересираните авиопревозници мора да се пријават на јавниот повик објавен во Службен весник на Словенија, преку кој Владата со финансиски стимуланси овозможува подобрување на воздухопловните врски на Словенија со ЕУ дестинации и трети одредишта надвор од Унијата.

Истовремено, Словенија се обидува и да ги зачува редовните линии што сè уште се одржуваат или да ги обнови оние линии што авиокомпаниите ги откажаа поради последиците од Ковид-19.

Оние компании кои летаат на линии со Словенија или имаат намера да отворат нови линии со љубљанскиот аеродром имаат три рокови за аплицирање, во рамки на кои ќе им бидат доделени вкупно пет милиони евра: 1,5 милиони во првиот период, 2,3 милиони во вториот и 1,2 милиони евра во третиот рок, според хронолошкиот тек на летовите во текот на сезоната следната година.

Оние што ќе се пријават за третиот рок, мора на пример, од 31 октомври до 31 декември следната година да имаат најмалку две редовни линии од една од поставените дестинации со Љубљана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.