Од воената парада во Солун за одбележување на националниот празник на Грција, денот „Охи“ (Не), грчкиот претседател упати остра порака до Турција дека самоволието нема да помине, обвинувајќи ја за прекршување на меѓународното право на Блискиот Исток.

Прокопис Павлопулос рече дека, кажаното „не“ од Грците на 28 октомври 1940 година, „беше врвен чин на отпор кон фашизмот и храбар став на одбрана на елементарните принципи и вредности – мирот, демократијата и човекот“.

Од овде, од Солун, од срцето на Македонија до сите ја испраќаме пораката дека истото „не“ го испраќаме ние Грците денес, до секој што ќе помисли да посегне по овие универзалните идеали. Од овде, од Солун, од срцето на Македонија, кон соседна Турција, која што провокативно го прекршува меѓународното право на Блискиот Исток, испраќаме порака: Самоволието нема да помине. Исто така, до Турција, ја испраќаме пораката дека ние Грците, во услови на цврсто единство, целосно ќе ги браниме нашите национални прашања и национални права и ќе наметнеме почитување на меѓународното и европското законодавство, врз кои се засновани овие права, рече Павлопулос.

Традиционално, како и секоја година, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, се одбележува со воена парада во Солун.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.