За 30.000 евра од документ, странски државјани со тешко криминално досие, добивале оригинални грчки пасоши или лични карти, како и било каков друг документ преку „услугите“ на криминалната организација што е разбиена од грчката полиција. Организацијата била активна најмалку осум години, а уапсени се 20 лица меѓу кои има и полицајци.
Како што соопштија од Министерството за цивилна заштита на Грција, според истрагата која е во тек, се проценува дека вкупната финансиска корист што ја добила криминалната организација е најмалку пет милиони. Меѓу 20-те уапсени лица девет се полицајци, еден е вработен во Министерството за цивилна заштита (во чија надлежност е полицијата), еден вработен во матичната служба, еден адвокат и осум граѓани, но постојат податоци дека биле вклучени 34 полицајци.
Криминалната организација составена главно од Грци, но и повратници од поранешни земјите на Советскиот сојуз, полицајци и други државни службеници, била активна најмалку од 26 април 2013 година и имала развиено мрежа на соработници и „издавала оригинални грчки лични карти, грчки пасоши и возачки дозволи на странски државјани со тешко криминално досие“.
Паралелно, тие го олеснувале нелегалниот престој во Грција на странските државјани, кои ги имале сите права како и грчките граѓани, како што се издавање даночен регистарски број, матичен број итн.
Од Министерството за цивилна заштита на Грција соопштуваат дека начинот на дејствување на криминалната група бил хиерархиски структуриран, со повеќе членови, сложен и ни најмалку случаен, а секој од членовите имал посебна улога.
Издавањето лични карти и пасоши, главно за странци, било „или со користење лажни податоци на непостоечки лица или со користење на податоците на иселениците кои се со постојан престој во странство и не биле воопшто свесни за активностите на организацијата или со користење на податоците на постојаните државјани, по претходна лажна пријава за губење на претходно легално издадена лична карта или преку користење на вистински лични документи, преку незаконско стекнување со грчко државјанство“.
Со користење на горенаведеното, заинтересираните во одредени случаи постигнале слободен престој и движење во земјата, прикривање на нивното евентуално криминално минато, непречено заминување од земјата и нивно слободно движење и престој во земјите во и вон Европската Унија и Шенген зоната, издавање возачки дозволи, обезбедување нови или користењето на постоечки даночни регистри, а со тоа и основање компании и бизниси од секаков вид. За издавање на секој документ заинтересираното лице плаќало паричен износ од најмалку 30.000 евра. Досега се конфискувани над 600.000 евра – соопштија од Министерството за цивилна заштита на Грција.
За конкретниот случај детално бил информиран и министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос, кој побарал целосно расветлување на случајот со цел виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.