Најстарата и една од најголемите косовски партии Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го избра 37-годишниот Љумир Абдиџику за свој нов претседател.

Абдиџику е избран во првиот круг на гласање на вонредното собрание на ЛДК, со 191 глас, додека неговите ривали, Љутви Хазири и Бесиан Мустафа освоија 116, односно 16 гласа од делегатите на највисокиот партиски орган.

Изборот на нов лидер на ЛДК се одржа по оставката на нејзиниот досегашен лидер Иса Мустафа по исклчително слабиот резултат на вонредните парламентарни избори на 14 февруари.

Донеодамна владејачката ЛДК на овие избори го забележа најслабиот резултат во дводецениската историја на косовскиот повеќепартиски систем.

Партијата која на почетокот на 90-те години на минатиот век ја основа Ибрахим Ругова, кој подоцна стана прв претседател на независно Косово, на овие избори беше треторангирана, со 12,7 отсто гласови. Победи партијата Движење Самоопределување со 50,28, а втора беше Демократската партија на Косово со 17 отсто освоени гласови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.