Папата Франциск утре патува во петдневна посета на Кипар и Грција со која сака да ги зближи односите со Православната црква и да предупреди на маките на мигрантите.

Неколку недели пред својот 85-ти роденден, како и неколку месеци по операцијата на дебелото црево во јули и покрај пандемијата на корона вирусот, Папата повторно оди на пат за да ги промовира двата приоритети на својот мандат.

Првата станица е Кипар, каде што ќе престојува од 2 до 4 декември, а потоа два дена ќе мине во Грција. Двете земји се мнозински православни, но во нив живеат и десетици илјади католици. Папата на патувањето ќе одржи десетина говори и ќе има низа состаноци со политички и верски лидери, вклучувајќи го и поглаварот на Грчката православна црква, Еронимус Втори.

Во многу симболичен чин папата Франциск, на 5 декември, повторно ќе го посети островот Лезбос, важната точка на влезот на мигрантите во Европа, каде што во април 2016 ја кажа познатата реченица „Сите ние сме мигранти“.

Во тоа време Европа беше соочена со голем бран мигранти од Сирија. Тоа прашање и денес е актуелно, најмногу отсликано во неодамнешното масовно гинење на мигранти во Ламанш и во тензичната ситуација на границата на Белорусија и Полска, каде мигранти кои очајно сакаат да стигнат до Европа се блокирани на студот во тешки услови.

Папата би требало повторно да го насочи вниманието на светот на мигрантската криза која е најлошата хуманитарна катастрофа од Втората светска војна.

Папата Франциск планира на Лезбос да пренесе хуманитарна, а не политичка порака. Тој сака да ја крене свеста на европските граѓани за бегалците, бидејќи Медитеранот е полн со давеници – вели надбискупот одговорен за грчките егејски острови, Јосиф Принтезис.

Според Роберто Зуколини, портпаролот на италијанската католичка организација која им помага на мигрантите во Европа од 2015 година, враќањето на Папата на Лезбос е многу силна порака, особено откако се влоши ситуацијата.

Папата планира силно да ја потсети цела Европа дека има заедничка одговорност – порача Зуколини.

Фокусот на посетата на Атина ќе биде дијалогот со православните христијани, кои во светот ги има повеќе од 300 милиони. Православната црква се раздвоила од Католичката во 1054 година. Планирани се две средби со архиепископот Еронимус.

Папата сака да ги зајакне односите со православната заедница – вели ватиканскиот експерт Марко Полити, додавајќи дека Франциск искажува братство кон православните верници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.