Началниците на генералштабовите на Грција и Македонија ќе потпишат договор за надзор на воздушниот простор на Скопје, што во овој момент е императив, бидејќи е во корист на нашиот национален интерес, изјави грчкиот министер за одбрана, Никос Панајотопулос во интервју за атинскиот весник „Катимерини“.

Како што jави дописничката на МИА од Атина, прашан за договорите за надзорот на воздушниот простор на Македонија и стандардизацијата на нашата армија, Панајотопулос објаснува дека овие прашања се предмет на преговори меѓу воените раководства на двете земји, истакнувајќи дека позицијата на владата на Нова демократија околу Договорот од Преспа е позната, но и додава дека надзор на воздушниот простор „на Скопје е во интерес на Грција“.

Договорот за одбранбена соработка е резултат на генералниот Договор од Преспа. Резултат, кој и не е толку негативен колку штетните елементи на овој договор. Во овој контекст, меѓу началниците на генералштабовите ќе се потпише договор за надзор на воздушниот простор на Скопје. Сметам дека вакво нешто е во интерес на нашата земја, бидејќи едноставно, ако не се случи тоа, ќе им се даде можност на други земји, во главно на Турција, која има изразено интерес, но можеби и на Бугарија, која исто така изрази интерес, без воопшто да ги поседува неопходните средства. Според тоа, во овој момент е императив потпишувањето на air policing (надзор на воздушниот простор) на Скопје, бидејќи тоа е во корист на националниот интерес, вели Панајотопулос за грчкиот весник.

На 2 април годинава, при посетата на Скопје на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата Влада, меѓу потпишаните билатерални договори беше и оној меѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и тогашниот министер за национална одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.

Тие потпишаа нов сеопфатен Договор за соработка во одбраната, 20 години по потпишувањето на првиот од овој тип, а во него се наведени областите на соработка од взаемен интерес – стратешкиот дијалог, одбранбената политика и доктрини, развој на одбранбените способности, одбранбеното планирање, логистиката, воената медицина, военото образование итн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.