Претседателот на Словенија Борут Пахор соопшти дека е усвоена заедничка декларација во рамките на процесот Брдо-Бриони, со која се повикува Европската унија да го види регионот на Западен Балкан како целина.

Како што беше претходно најавено, овогодинешниот Самит, кој одбележува десет години од воспоставувањето на оваа заедничка словенечко-хрватска иницијатива, е потврда за континуираната заложба за зајакнување на регионалната соработка и европската интеграција.

Ја повикуваме ЕУ да го гледа регионот на Западен Балкан како целина, и не само како одделни земји со кои преговара, рече Пахор на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Тој изјави дека во декларацијата се потенцира дека Брисел треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање.

Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите, додаде Пахор.

Лидерската средба се одржа во Словенија по повод десетгодишнината од процесот Брдо-Бриони, која беше одложена двапати поради пандемијата на коронавирус.

Тоа е иницијатива покрената од Борут Пахор, поранешен словенечки премиер, а сега претседател, во соработка со Хрватска во 2010 година, со цел зајакнување на меѓусебната доверба и помагање на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.