Косовскиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Беџет Пацоли, преку својата страница на Фејсбук, му упати отворено писмо на српскиот претседател Александар Вучиќ, кого го повика да собере храброст и да ја признае независноста на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пацоли во писмото, кое уследи по вчерашниот состанок на Вучиќ со претставници на косовските Срби, порачува дека косовската независност е реалност која Србија треба да ја прифати.
Србија имала многу лидери кои знаеле дека историјата му наменила на Косово атрибути на државност, меѓународно, но ниту еден од нив немал храброст јавно да го признае тој факт. Ви посакувам Вие да бидете првиот претседател на Србија, кој ќе собере храброст да се соочи со вистината, признавањето на Република Косово, и кој не бега од таа вистина со импровизирани состаноци како овој последниот што го имавте со некои косовски Срби кои ве посетија во Белград. Придонесете за мирот господине претседател на Србија – му пишува Пацоли на Вучиќ.
Шефот на косовската дипломатија, во писмото кое го насловува како „писмо на добра волја“, вели дека „Косово е држава која почива на слобода, демократија и благосостојба“ и дека „Србите во Косово живеат во безбедно окружување и во согласност со правниот и институционален поредок“.
Негирањето на фактите од Ваша страна е грев, додека да се бара од Србите да го одбијат тоа, претставува и грев и страдање. Време е Србија да им дозволи на Србите да го живеат својот живот ослободени од нејзиното вплеткување – му пишува Пацоли на српскиот претседател Вучиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.