До 15 јануари, возачите нема да бидат казнувани доколку на патиштата во Бугарија се движат без вињетки. Електронската набавка и наплата на патарина, имаше неуспешен старт, со многу проблеми, па премиерот Бојко Борисов побара оставки од директорот на АПИ системот, советник во кабинетот на министерот за регионален развој и еден од челеновите на одборот на АПИ, кои биле директно задолжеени за електронскиот систем на набавка на вињетки.

Од денеска електронските вињетки може да се купат во некои трговски дуќани во малопродажната мрежа и на поголемите бензински пумпи.

Во моментот во Бугарија вињети може да се купат на четири начина: од апарати за самонаплата, сајтот www.bgtoll.bg, на каса во канцелариите на Обласните патни канцеларии и преку мобилните апликации на мобилниот оператор „А1″.

Веќе се продава и на касите на „Еasypay”, кои постепено ќе ги има низ целата земја. Од следната недела етапно ќе се продаваат на каса и во големите синџири бензински пумпи – „ОМВ”, „Петрол”, „ЕКО”, како и во филијалите на „Бугарски пошти”. Во рок од еден месец,ќе почнат да се продаваат и на банкоматите на БОРИКА .

На граничниот премин „Калотина” освен терминали за самонаплата, веќе се опремени и работни места за продажба за е-вињети во готово на каса. Такви ќе има и на „Кулата”, на „Дунав мост“ кај Русе и на „Капетан Андреево”.

Апарати за самонаплата се монтирани на премини „Отоманци”, „Ѓуешево”, „Капетан Андреево”, „Дунав мост” – Русе , „Карден”, „Дуранкулак”. Инсталирани се уредите и на „Станке Лисичково”, „Златарево” и „Орахово”.

Проблемите со електронските вињетки во Бугарија започнаа со самиот старт на нивна примена. Возачите се соочуваа со потешкотии поради малиот број пунктови за нивна продажба, паѓање на електронскиот систем, откажување на електронските апарати за самонаплата, недостаток на електронски вињети по продажните места, затворени пунктови и слично.

Бугарската влада ветува дека овие недостатоци ќе бидат отстранети до крајот на јануари, а ќе се постават 4.600 пунктови за електронски вињети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.