Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова да поднесе оставка поради нејзините „понижувачки изјави“ за унгарскиот народ.

Според тврдењата на потпретседателката на Комисијата, во Унгарија била создадена „болна демократија“ и уште ги навреди граѓаните на Европската унија од Унгарија кога изјави дека не се во позиција да формираат независно мислење – вели Орбан во писмото до претседателката на Комисијата, Урсула Фон Дер Лејен.

Во писмото Орбан нагласува дека изјавата на Јурова се „навредливи за Унгарците и Унгарија“.

Овие тврдења не само што се напад на демократски избраната унгарска Влада, туку се и навредливи за Унгарците и Унгарија, напиша Орбан и додаде дека Јурова со своите изјави го прекршила Лисабонскиот договор според кој треба да биде неутрална и објективна.

Орбан порача дека неговата земја е подготвена да ги „суспендира политичките односи“ со Јурова.

Тие кои ќе го прекршат договорот не се способни да делуваат како заштитници на владеењето на правото и европските вредности. Изјавите на Јурова не се соодветни за нејзината позиција и треба да поднесе оставка. Додека тоа не се случи, унгарската Влада ќе ги суспендира билатералните политички врски со Јурова – изјави портпаролот на Орбан, Берталан Хаваси.

Унгарскиот премиер нагласи дека Унгарија „уште од влегувањето во Европската унија во 2004-та година била посветена земја членка и секогаш постигнувала договори околу разни спорови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.