Румен Радев и Илијана Јотова се избрани за претседател и потпретседателка на Република Бугарија, соопшти Централната изборна комисија на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Комисијата ги прифати конечните резултати од вториот круг на претседателските избори на 21 ноември.

Претседателката на ЦИК, Камелија Нејкова, објави дека Румен Георгиев Радев и Илијана Малинова Јотова, предложени од Иницијативниот комитет, добиле 1.539.650 гласови, а нивните противкандидати Анастас Георгиев Герџиков и Невјана Михајлова Митева-Матеева, добиле 733. 791 гласови.

„Објавуваме дека Румен Георгиев Радев е избран за претседател на Република Бугарија и ја прогласуваме Илијана Малинова Јотова за потпретседател на Република Бугарија. Решението да се објави во Службен весник, рече Нејкова.

Во вториот круг од изборите во Бугарија на 21 ноември гласале 2.310.903 гласачи, што претставува 34,84 отсто излезност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.