Словенците со убедливо мнозинство ги отфрлија измените на Законот за води, покажуваат прелиминарните резултати по вчерашниот референдум, за што се смета дека ќе биде удар за десничарската Влада.
Резултатите, по скоро сите преброени гласови, покажуваат дека 86,5 проценти од луѓето гласале против амандманите одобрени од Владата на премиерот Јанез Јанша во март, за кои екологистите велат дека претставуваат закана за животната средина и квалитетот на водата.
Околу 13,5 проценти од гласовите беа за амандманите на владата.
Одѕивот беше повеќе од 45 отсто од 1,7 милиони гласачи, што е највисоко на референдум од 2007 година, јави СТА.
Намерата на Владата да го измени Законот за води предизвика жестока дебата, а во фокусот на спорот е одредбата со која се регулира градење покрај море, реки и езера, особено хотели, продавници и ресторани.
Противниците на измените тврдат дека новиот закон ќе биде во интерес на приватните инвеститори и ќе го ограничи пристапот на јавноста до вода и ќе го загрози нејзиниот квалитет.
Прашањето на референдумот гласеше: „Дали сте за усвојување на Законот за изменување и дополнување на Законот за водите, што беше усвоен од Собранието на 30 март 2021 година?“.
За да биде отфрлен законот, мнозинството избирачи требаше да гласаат против, под услов да гласаат најмалку петина од вкупниот број избирачи, односно нешто помалку од 340.000 од 1,7 милиони граѓани со право на глас, јави СТА.
Спорот околу измената на Законот за води се одраз на зголемени политички тензии во Словенија во време кога Владата на Јанша се соочува со обвинувања за задушување на демократските и медиумските слободи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.