Граѓаните на Македонија, БиХ и Црна Гора од утре ќе треба да достават негативен ПЦР-тест на влезот во Косово, и тоа само доколку имаат дозвола за престој или имаат закажано лекување на Косово, објавија косовските медиуми.
Од утре косовската влада ќе бара од граѓаните на Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора негативен ПЦР-тест за Сарс-КоВ-2, не постар од 72 часа, за да влезат на Косово.
Оние што ќе слетаат на аеродромот „Адем Јашари“ ќе бидат ослободени од ова правило доколку потпишат изјава дека ќе го напуштат Косово во рок од 3 часа. Ниту патниците во транзит на аеродромот „Адем Јашари“ нема да мора да имаат негативен ПЦР-тест.
Камионите и патничките автомобили во транзит исто така не мора да имаат негативен тест, но ќе мора да потпишат изјава дека ќе го напуштат Косово во наредните 5 часа.
Акредитираните дипломати и членовите на нивните семејства исто така се ослободени од обврската да достават негативен ПЦР-тест.
На 13-та седница на владата, која се одржуваше по електронски пат, донесена е и одлука со која од вечерва на Косово ќе биде задолжително носењето маски во сите активности надвор од домот. За граѓаните постари од 65 години со хронични заболувања движењето е ограничено на периодот од 5 до 10 часот наутро и од 18 до 21 часот навечер.
Власта ги обврзува граѓаните покрај носењето маски на отворено, да се грижат и за одржување на растојание од 2 метри, а од институциите се бара да обезбедат средства за дезинфекција за раце и маски на влезовите во институциите, како за вработените, така и за граѓаните.
Работата на пазарите на автомобили и добиток е стопирана, забранета е организација на верски церемонии и собирање на повеќе од 5 лица на јавни места и паркови.
Институциите што треба да обезбедуваат услуги, како што се општината и поштата, се должни да ја организираат својата работа со минимален персонал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.