Со помош на специјални нуркачи, вчера во Солун продолжи втората фаза за чистење на морето во делот околу шеталиштето и беа извлечени 21 електричен тротинет кои ги фрлиле несовесни граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.

Освен тротинетите, на дното на морето биле пронајдени и два мотори, велосипеди и куфери.

Станува збор за електрични тротинети за изнајмување кои на граѓаните и туристите во Солун и Атина им стојат на располагање за нивните прошетки.

Ова е вториот дел од акцијата на општина Солун за чистењето на морето, а во првата фаза, од копно беа извлечени околу 50 електрични тротинети.

Заменикот градоначалник на Солун надлежен за животна средина, Сократис Димитриадис за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека најважно е да се пронајдат и да се уапсат оние што ја предизвикуваат мини еколошката катастрофа во морето, бидејќи хемикалиите што ги испуштаат батериите од електричните тротинети, се најлошиот отпад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.