Построги мерки за невакцинираните и забрана за влез во затворените простори како што се кината, театрите, музеите или фитнес центрите, од утрово стапија во сила во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Новите рестрикции ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во обраќањето до граѓаните во четвртокот, а се однесуваат и на дел од просторите каде што досега постоеше опцијата за влез со негативен тест.
Согласно министерската одлука што утрово стапи во сила, сите невакцинирани полнолетни граѓани, освен во внатрешните делови на угостителските објекти, нема да имаат пристап ни во театрите, кината, музеите, на изложбите и конференциите, во фитенес центрите и на стадионите.
Промени има и за литургиите во црквите, каде што досега немаше никакви ограничувања, а од денеска невакцинираните ќе треба да приложат негативен рапид или ПЦР тест.
„Covid pass“ односно сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид или негативен рапид/ПЦР тест е задолжителен, како и досега, за вработените во приватниот и државниот сектор, за влез во продавниците, фризерските салони и берберниците и надворешните делови на угостителските објекти.
За децата од четири до 17 години дозволен е влез и со селф тест, односно тест за домашна употреба.
Од денеска се воведува и флексибилен почеток на работното време за јавната администрација и вработените во приватниот сектор и на работните места може да пристигнат од 7 до 9.30 часот.
Паралелно, како што соопшти Мицотакис во четвртокот, сертификатот за вакцинација за влез во затворените простори за лицата над 60-годишна возраст ќе престане да важи седум месеци по издавањето и ќе биде потребна и трета доза, а оваа мерка ќе стапи во сила на 13 декември.
Грчкиот премиер, најави и дека од претседателката на Европската Комисија ќе побара европскиот дигитален сертификат да биде валиден само по примена трета доза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.