Од 20 декември за влез во Србија, странските државјани ќе треба да покажат негативен ПЦР тест додека на српските граѓани ќе им треба или негативен тест или ќе бидат испратени во десетодневен карантин.

Донесовме одлука сите рестриктивни мерки што важеа досега да бидат во сила до петок, 18 декември, по што повторно ќе се состанеме и ќе видиме дали ќе воведеме некои дополнителни мерки или ќе ги промениме постојните – изјави министерката за труд, вработување, ветерани и социјални работи и член на Кризниот штаб, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на штабот.

Како што истакна таа, досегашните мерки имале ефекти, иако бројките се на многу високи вредности, но сега имало пад кај новозаболените лица и процентот на позитивност.

Таа ги повтори мерките – забрана за работа на сите објекти од 17 часот, што не важи за објектите за храна, аптеките и пумпите.

Исто така, донесовме одлука кога станува збор за контролата на патниците во меѓународниот сообраќај дека на сите странски државјани ќе им треба ПЦР-тест, без оглед на земјата од која влегуваат, и ова ќе важи од 20 декември, најверојатно до 10 јануари, сето тоа ќе зависи од моменталната епидемиолошка состојба – соопшти Кисиќ Тепавчевиќ.

За српските граѓани кои влегуваат во земјата, доколку немаат негативен ПЦР тест, тие ќе бидат обврзани да бидат во домашна изолација 10 дена, што може да се прекине доколку во меѓувреме се направи негативен ПЦР-тест.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.