Размена на архивите од комунистичкиот период, со цел рехабилитирање на настраданите и во двете држави.

Ова е предлогот, што го даде, а потенцијалните коалициони партнери во новата бугарска влада едногласно го прифатиле, пријателот на нашиот специјален пратеник за односите со Бугарија, Владо Бучковски, и можен иден министер за надворешни работи, Даниел Лорел.

Предлогот е фактички нова компонента во предвидените 5+1 предлози од патната карта за надминување на недоразбирањата со Бугарија и кревање на ветото за конечен официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. А, се однесува на веќе промовираната рехабилитација на македонските Бугари, жртви на комунизмот.

До сега македонските власти се уште немаат обелоденето како двете страни планираат да го спроведат тој процес на рехабилитација, дотолку повеќе што и фактички и практично Македонија ги нема рехабилитирано сопствените жртви на комунизмот. Што ќе рече дека не се рехабилитирани Македонците, Албанците, Турците…а сега, под притисок, треба да се рехабилитираат само македонските Бугари, анализира „Пресинг ТВ“.

Единствената личност, која е рехабилитирана според сите законски одредби, е првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто. За сите останати тоа не е сторено и за тоа има многу објективни и субјективни причини.

Но, се чини дека клучното прашање е дали и Бугарија ќе го стори истото и ќе и ги даде на Македонија личните полициски досиеја, што тајните бугарски служби ги воделе за Македонците во Бугарија и колкав е нивниот број?

Република Македонија се уште ги нема добиено личните полициски досиеја, што се наоѓаат во Белград, иако за тоа е разговарано на официјално ниво во неколку наврати.

Нетранспарентноста за спроведувањето на целиот процес отвара сомнежи дали со предавањето на тајните лични полициски досиеја Бугарија, со целото искуство што го има, ќе сака да не лустрира или само да ги рехабилитира македонските Бугари?

Што и да се планира, работите ни случајно нема да се одвиваат онака како што ќе замислат кабинетските „експерти“. Зашто, тајмингот за опфат на целиот процес ќе треба да биде најмалку до 2000-та година. За политичките и историските последици, пак, и не треба ни да се говори. Тоа ќе биде отворање на уште една, нова во веќе отворената Пандорина кутија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.