Турската лира денеска забележа уште еден остар пад на цената додека се чека најновата одлука од Централната банка на земјата за каматната стапка подоцна оваа недела, јави ДПА.
Претходно денеска, на моменти лирата беше во пад за околу 4 отсто и во однос на доларот и еврото, достигнувајќи нова најниска вредност. Во моментов потребни се повеќе од 14 лири за да се купи еден долар и повеќе од 16 за да се купи евро. Турската валута изгуби околу половина од својата вредност од почетокот на 2021 година, што ја прави една од најлошите светски валути оваа година.
Голем дел од проблемите на лирата може да се припишат на одлуките на Централната банка за намалување на каматните стапки и покрај тоа што инфлацијата се движи околу 21 отсто. Ваквите потези го поттикнаа Стандард и Пурс во петокот да го намали кредитниот рејтинг за земјата.
Каматната стапка на лирата е намалена за околу 4 процентни поени во последните шест месеци и аналитичарите очекуваат ново намалување по седницата на Централната банка в четврток. Повеќето традиционални економисти советуваат зголемување на каматните стапки кога инфлацијата е висока.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се противи на повисоките каматни стапки и тврди дека повисоките стапки предизвикуваат инфлација. Мнозинството економисти тврдат дека повисоките стапки ги поттикнуваат луѓето да штедат повеќе, извлекуваат пари од економијата и ги запираат зголемувањата на цените.
Ердоган повеќепати ја реорганизираше Централната банка во обид да инсталира луѓе кои се согласуваат со неговата економска визија, потсетува ДПА.
Претходно овој месец, тој го постави Нуредин Небати за министер за финансии. Небати рутински ја потврди својата лојалност кон Ердоган и во интервју за весникот Хабертурк истакна дека никогаш нема да оди против него. Тој остана нем на прашањето за промена на каматните стапки, освен што кажа дека нема да има покачување.
Централната банка се обиде да ја поддржи лирата со интервенции на пазарот, но тоа донесе само краткорочно олеснување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.