Силно невреме, проследено со обилни врнежи и град, вчера ја погоди Словенија, а најпогодени беа областите Шатејрска и Помурска, каде што 12.000 домаќинства останаа без струја. И Хрватска ја зафати невреме проследено со поројни дождови и град, а три лица биле повредени.

Во Птуј ветерот достигна брзина од преку 100 километри на час.

Во најпогодените краеви околу Птуј се проценува дека на посевите е нанесена штета од 40 до 100 отсто, особено на пченката, хмељот, компирот, овошјето, зеленчукот и анасонот.

Во повеќе делови на земјата кои беа погодени од обилните дождови и од град дојде до одрони на земјиштето и помали поплави, а многу покриви на куќи и автомобили се оштетени.

Во Хрватска, пак, најпогодено е подрачјето на Вуковарско-сремската жупанија каде паѓал град со големина на орев, а некаде и со големина на јајце. Имало и откорнати дрвја, како и урнат покрив на едно основно училиште.

Две жени се полесно повредени од удар на гром, а еден маж паднал од покрив.

За краток временски период паднале 20 литри дожд, а забележан е најсилен удар на ветрот со брзина од 75 километри на час.

Невремето, проследено со силен ветер и пороен дожд, во вечерните часови го погоди и поголемиот дел на Истра, но не предизвика поголеми проблеми.

Пожарникарите имале околу 20 интервенции, кои главно биле за отстранување гранки на патиштата во Пула, Пореч и Новиград.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.