Бугарија не гледа потреба за распоредување НАТО трупи на својата територија како одговор на разместувањето на руските сили долж границата со Украина, изјави бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев.

Тој ги потврди извештаите дека во НАТО се разговара за различни опции, вклучувајќи и присуство на воените сили на Бугарија и Романија во Црното Море како дел од мисијата наречена Подобрено напредно присуство во рамки на која НАТО веќе распореди дополнителни воени сили во балтичките земји и Полска, пренесува Ројтерс.

Мојот став е дека таквиот пристап потенцијално може да доведе до непожелно зголемување на тензиите во регионот – објави Јанев на Фејсбук.

Toj оцени дека засега нема причина распоредувањето на руските трупи да се смета за директна закана за Северноатлантската алијанса и нејзината зона на влијание.

Во таа смисла, не верувам дека постојат реални околности кои може да ја оправдаат одлуката во врска со разместување дополнителни трупи на територијата на Бугарија – порача Јанев.

Тој додаде дека Бугарија, која влезе во НАТО во 2004 година, внимателно ја следи ситуацијата, како и дека е спремна да го зголеми капацитетот на своите оружени сили во рамки на засилените напори на НАТО за одвраќање и одбрана, ако тоа биде потребно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.