КФОР е целосно фокусиран на спроведување на својот мандат, со цел да продолжи да овозможува безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово и да ја поддржи имплементацијата на неодамнешниот аранжман Белград-Приштина за деескалација во северниот дел на Косово. Тоа е одговорот што го даде неименуван функционер од НАТО за српската агенција Бета, а како коментар на повикот на српската премиерка Ана Брнабиќ, упатен до меѓународната заедница, НАТО и КФОР веднаш да реагираат на „акцијата на косовската полиција против српското цивилно население во Косово“.
Косовската полиција започна операција за спроведување на законот во Косово. Мисијата КФОР предводена од НАТО е во постојана комуникација со сите релевантни институции во Косово и меѓународната заедница и останува целосно фокусирана на секојдневното спроведување на својот мандат во ОН-согласно Резолуцијата 1244 од 1999 година на Советот за безбедност на ОН, а со цел да продолжи да обезбедува безбедна средина и слобода на движење за сите заедници што живеат во Косово- рече претставник на НАТО.
Истиот извор додава дека „КФОР, исто така, продолжува да го поддржува спроведувањето на неодамнешниот договор за деескалација и понатамошните чекори на северот на Косово, постигнати од Белград и Приштина во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ“.
Денешната полициска акција се одржа во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна Митровица и Северна Митровица, јави РТК.
Косовската полиција соопшти дека во оваа акција била запленета стока „шверцувана во износ од стотици илјади евра, која служи како материјален доказ, и која била на различни локации, деловни простории, магацини …“. Полицијата информира дека се уапсени осум лица.
Директорот на косовската полиција Сабедин Мехмети на прес -конференција рече дека за време на акцијата повредени се 10 полицајци, пренесува РТК.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Швечља изјави дека акцијата на косовската полиција и царина против шверцот на стоки е дел од борбата на косовските власти против криумчарење и затајување данок.
Оваа операција не е насочена против која било националност. Оваа операција е насочена против криминалци кои илегално криумчареле стока во Косово. Обвинителот во случајот е Србин, судијата на претходна постапка е Србин, припадниците на Единицата за брза реакција во Северна Митровица се претежно Срби, повеќето уапсени Албанци, повеќето барани Албанци – рече Швечља.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.