Експлозивна направа е фрлена синоќа околу 23 часот врз објектот на дистрибутерот на електрична енергија, „Електрокосмет“ во Северна Митровица, при што е предизвикана само материјална штета и нема повредени лица, јави агенцијата КосоваПрес.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, извори на агенцијата информираат дека е целосно уништена една трафостаница и оштетени се неколку возила кои биле паркирани во близина на објектот.

– Постојат сомневања дека направата е фрлена намерно од едно или повеќе лица и е поврзано со договорот за енергетика постигнат меѓу Приштина и Белград пред неколку дена во Брисел. Како последица на експлозијата, најголемиот дел од градот остана без струја до раните утрински часови“, велат изворите на КП.

Полицијата веднаш излегла на местото на настанот и ја продолжува истрагата, а покренато е и обвинение за три кривични дела во врска со инцидентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.