Денеска во Косово стапуваат во сила новите, олеснети мерки за спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, со кои, меѓу другото, се укинува полицискиот час, односно досегашната забрана за движење на граѓаните во периодот од 23 до 5 часот наутро, јави дописникот на МИА од Приштина.
Со одлуката што во петокот ја донесе Владата на Косово по видното намалување во последните недели на бројката на смртни случаи и заболени од Ковид-19, се продолжува и работата на угостителските објекти за еден час, односно до 23 часот. Освен тоа, се укинува и обврската за носење маски на граѓаните на отворено, доколку не се во друштво на други лица, односно се движат сами.
– Според извештајот на Институтот за јавно здравство на Косово, епидемиолошката ситуација во Косово се прикажува како стабилна, со продолжување на падот на позитивни случаи. Главни мерки се следните: Се укинува ограничувањето на движењето, меѓутоа од полноќ до 5 часот не се дозволува собирање на лица во внатрешни и надворешни амбиенти; се продолжува работното време на угостителството до 23 часот; се укинува обврската за носење маски на граѓаните додека се движат сами во надворешни амбиенти, се вели во владината одлука.
Во Косово последните денови е забележан значителен пад на бројот на заболени и починати од Ковид-19. Од, во просек, по две до три илјади извршени тестирања дневно, последните неколку недели заразени од коронавирусот резултираат по десетина до неколку десетици лица. Видно е намален и бројот на починати како последица на пандемијата, така што, на пример, во последните 72 часа, според вчерашниот извештајот на Националниот институт за јавно здравство на Косово, е забележан само еден смртен случај на заразен од коронавирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.