Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на заедничка прес-конференција по завршувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, изјави дека регионот на Западен Балкан има стратешко значење за ЕУ.
Сакаме да ја реафирмираме европската перспектива за регионот и сакаме да работиме на прогрес во процесот на проширување.
Фундаменталните вредности како владеење на правото и борбата портив корупцијата се ДНК на европскиот проект. Тоа е важно прашање на дебата и меѓу сите 27 земји членки на ЕУ за тоа како да постигнеме поголем напредок со цел да созрееме и сите да ги почитуваме овие фундаментални принципи – изјави Мишел.
Тој ги поврза реформите во овие земји кои ЕУ сака да ги поттикне, со инвестициите на ЕК кои имаат цел да се олесни и поттикне регионалната соработка.
Се надеваме дека овие инвестиции кои имаат важна улога, ќе го направат повидливо присуството на ЕУ за луѓето од регионот за да ги почувствуваат бенефитите од ова партнерството со ЕУ – изјави Мишел на прес-конференцијата на која беа и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и домаќинот на самитот словенечкиот премиер, Јанез Јанша.
Во однос на отворените прашања во регионот поврзани со историски теми, теми за минатото, за малцинствата и нивниот третман, Мишел изјави дека сакаат да видат напредок.
ЕУ од своја страна е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста и да ги охрабрува и да биде олеснувач помеѓу различните засегнати страни со цел да делуваат одговорно, но потребни се политички одлуки за напредок на овие земји – изјави Мишел.
Во однос на процесот на проширување, Мишел порача дека пред ЕУ е дебата за капацитетот да прима нови членки.
Не е тајна дека постои дебата помеѓу 27-те земји членки за капацитетот за прием на нови членки. Јасно е дека за ова прашање треба да постигнеме прогрес, треба да решиме што сакаме да постигнеме како да ги носиме одлуките заедно во иднина како европјани – посочи Мишел.
На новинарско прашање каква конкретна надеж ќе им даде Декларацијата од самитот која е поприлично долга, во однос на перспективите за проширување на граѓаните од регионот и да останат постветени на реформите, Мишел повтори дека од разговорите од самитот произлегуваат приоритетите, а тоа се – вредности, реформи и инвестиции како и важното прашање на споровите.
Самитот денеска покажува дека сакаме да бидеме поефикасни, ја земаме во предвид ситуацијата во регионот за да видиме дали може да се испорачаат резултати. Декладацијата е долга бидејќи содржи многу конкретни заложби и конкретни напори со нашите партнери – ние имаме свои обврски, тие имаат свои и ние заедно ќе соработуваме – изјави претседателот на Европскиот Совет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.