Црна Гора е заложник на незаинтересираноста на европската политика, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на посетата на црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ, кој предупреди дека геополитичкиот вакуум на Балканот се искористува од земји како Русија, кои се против европскиот систем на вредности.
Фактот дека нема војна, тоа што фала богу нема крв, не е причина да се држат луѓе како заложници. А Црна Гора во моментов е заложник на незаинтересираност, спазмичност на европската политика, истакна хрватскиот претседател на прес-конференцијата по средбата со Ѓукановиќ.
Милановиќ се осврна на напредокот кој Подгорица го постигна во преговорите за членство во Европската унија, отворајќи го и последното поглавје, но во европските кругови не е наградена со диференцијација од другите земји кандидати на Западен Балкан, кои заостануваат во тој процес.
Црна Гора заслужува повластен третман. Во спротивно, самата идеја за преговори нема смисла, нагласи Милановиќ, додавајќи дека негова задача е да се „привлече внимание“ на тој факт, како и на неодамнешните етнички и верски тензии во соседната земја на Хрватска.
Црногорскиот претседател истакна дека Подгорица „е погодена од дефицит на внимание од најважните европски политички адреси“, што создаде политички вакуум на Балканот.
Затоа на балканскиот простор „се појавуваат интереси на другите, земји кои произлегуваат од вредносни платформи спротивни на Европа“, рече Ѓукановиќ.
Русија денес не дејствува толку на територијата на Западен Балкан заради Западен Балкан, туку поради војната која ја води против европското единство и вредносниот систем, смета црногорскиот претседател.
Тој додаде дека „суштинската порака што ја добиваме секој ден директно од Москва или преку нејзините сателити е дека нашиот избор за членство во НАТО и ЕУ не е добар геополитички избор“.
Црна Гора е членка на НАТО од 2017 година.
Ѓукановиќ пристигна во дводневна посета на Хрватска во услови на зголемени политички и етнички поделби во неговата земја, само еден ден откако црногорските опозициски партии, предводени од неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС), побараа формирање преодна влада која ќе распише парламентарни избори по устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникије во Цетиње, кое беше проследено со насилни протести.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.