Грчкиот премиер Мицотакис се обидува да го исполни своето предизборно ветување и преговара со грчките извозници за моделот со кој тие ќе ги брендираат своите производи во согласност со Договорот од Преспа.

Според спогодбата, на потрошувачите треба да им се разграничи кој продукт е од Македонија а кој од Грција.

Медиумите во Грција пишуваат дека Мицотакис предлага разликата да се направи на тој начин што трговските марки од Македонија, во светски рамки би биле брендирани со името „Macedonia“ a за продуктите од грчка Македонија би се користел називот „Makedonia“.

Тој оваа идеја ја претставил пред претставниците на Грчката асоцијација на извозници на состанокот одржан во Солун.

Оттаму велат дека до неа дошол откако на Гугл пребарувал со зборот „macedonia“, и дошол до заклучок дека најголем дел од резултатите водат до Македонија, додека од „makedonia“, тие се поврзуваат со Грција.

Од Асоцијацијата предлагаат како земја на потекло, секој производ да го носи името „μacedonia- The Divine Great Land”.

Малото „μ” како грчка буква која се користи во сиот свет како математички симбол. Зборот „divine” се реферира на боговите од Олимп и на грчката митологија, додека „great”, според нив директно би асоцирал на Александар Велики.

Сепак, според грчките медиуми, била прифатена сугестијата наместо „divine“, за да се зацврсти брендот, да стои „greek“, со што секој производ од географскиот регион Македонија, од делот кој и припаѓа на Грција да биде маркиран како продукт со потекло од „μacedonia- The Greek Great Land”.

Со идејата на Мицотакис иронизираше екс-грчкиот премиер Ципрас.

Како никогаш не ми текна на ова. Само смени го „C“ со „К“ и решен проблем. А колку пати Кирјакос доаѓаше во Владата да разговараме за името и никогаш не ми го кажа овој предлог. Сите паметни предлози си ги чувал само за себе“, напиша Ципрас на својот ФБ профил.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.