Денеска говореше грчкиот народ и неговиот глас мораме сите да го слушнеме, а прв господинот Ципрас и поддржувачите на Договорот од Преспа, договор кој се подготвуваат да го гласаат без да имаат таков мандат од нивните гласачи, вели претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во изјавата по денешниот протест во центарот на Атина против Договорот од Преспа.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија додава дека договорот е против „националното чувство“ и без согласност од другите партии, но и дека признава македонски јазик и идентитет, јави дописничката на МИА од Атина.

Воедно, тој ја обвинува владата дека со употребениот солзавец на денешниот протест, единствено сакала да ги растера граѓаните.

Денес (владата) не се двоумеше со солзавец да нападне стотици илјади мирни демонстранти. Меѓу нив беа семејствата, мали деца и постари лица. Да знаат сите дека ќе се бараат одговорности за она што денеска се случи на Синтагма. И кои имаа една цел да се растури собирот. Вештачките мнозинства во Парламентот се празни бројки пред милионите Грци кои не се согласуваат. Пропагандата СИРИЗА не може да ја скрие вистината. Станува збор за договор што ја менува децениската надворешна политика, признава македонски идентитет и јазик за соседите и го зајакнува нивниот иредентизам, вели Мицотакис.

Тој потенцира дека следнава седмица, Нова демократија, со аргументи и решително, ќе биде во првите редови во битката да не се ратификува Договорот од Преспа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.