Целосно ослободување од плаќањето кирија и за месец март; целосно покривање на трошоците за платите на вработените што се на принуден одмор; задржување на намалениот ДДВ за кафето и безалкохолните пијалаци до 30 септември 2021 година, што ќе се прошири и на транспортот, театрите, кината, кога ќе почнат со работа, но и на туристичките пакети до декември, се дел од мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ги соопштил на средбата со претставници на угостителите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, како што информираат од неговиот кабинет, додал дека „досегашните намалувања на даноците и придонесите се трајни намалувања“, кои нема да се зголемат по пандемијата, но и дека „дојде време за уште потесна соработка особено за поддршка на угостителскиот сектор“.
Угостителството во 2019 година оствари вкупен промет од 6,4 милијарди, падна на 4,2 милијарди во 2020 година, односно се намали за 35 отсто, несомнено е многу значително намалување, но не треба да заборавиме дека е секторот што од коронавирусот беше погоден повеќе од било кој друг сектор. Одвоивме речиси две милијарди за угостителство, поточно 1,93 милијарди – рекол Мицотакис.
Како што информираат од кабинетот на грчкиот премиер, на средбата со Мицотакис, дел од угостителите ги споделиле нивните лични искуства, но ги презентирале и нивните предлози.
Сопственичка на семеен бизнис рекла дека во овој момент „угостителството како да е пациент на интензивна нега и потребен е кислород“, а сопственичка на ресторан објаснила дека конкретниот сектор се уште не е заздравен од прекумерно оданочување од изминатите години.
Угостителските објекти во Грција се затворени веќе три месеци, а единствено, дозволено е да работат со достава или со подигање нарачка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.