Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, Неа демократиа, Кирјакос Мицотакис на денешната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата, го повтори неговиот став дека давањето глас „за” значи „да“ за Договорот од Преспа, што, според него, е „голема национална отстапка“.
Формалниот наслов на денешната седница е давање доверба на Владата, но во реалноста, станува збор за последниот чин од претставата од изминатите четири години на товар на грчкиот народ. Беден театар поставен од Алексис Ципрас и Панос Каменос со три цели. Прво, СИРИЗА да добие уште неколку месеци власт, второ, да се ратификува Договорот од Преспа и трето да се задржи како пратеничка група формацијата Независни Грци, за да може лидерот да ги задржи неговите привилегии, рече Мицотакис.
Тој му одговори на Ципрас во однос на тврдењето на грчкиот премиер дека постоела национална линија во разговорите за името, јавува МИА од Атина.
Вие господине Ципрас, на Скопјаните им отстапивте македонски идентитет и македонски јазик. Навистина, кога ова беше дел од националната линија? Зошто некои рекоа ‘не’ кога беа побарани овие работи, а вие рековте ‘да’?, му се обрати Мицотакис на Ципрас.
Истовремено, тој го обвини и довчерашниот коалициски партнер во Владата, Панос Каменос, дека со Ципрас се соработници и ќе треба да се оправдаат пред грчкиот народ, но и пред историјата.
Господинот Каменос, кого не го гледам сега во салата, можеби отиде да се причести. Господинот Каменос кој сега гласно и интензивно го брани името на Македонија, заборави дека кога можеше да ја урне Владата по иницијативата што минатиот јуни ја доставивме за гласање недоверба, секако тогаш ја поддржа. И денес заедно го потпишува гласањето на Договорот од Преспа, бидејќи во суштина ги има отстапено неговите пратеници, давајќи ви глас за доверба што толку го баравте”, рече Мицотакис и му порача на Ципрас дека ако добие 150 или помалку гласови, тогаш Владата ќе биде без мнозинство и ќе треба земјата да ја одведе на избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.