Апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат непотребни движења, упати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на вонредниот состанок во Секретаријатот за цивилна заштита за координација на сите надлежни органи во справувањето со проблемите предизвикани од снегот во областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот акцентот бил ставен на проблемите со снабдувањето со електрична енергија во најмалку 15 општини во поширокиот дел на Атина, но и процесот на вакцинацијата што денеска е прекинат во областа Атика.

Мислам дека е апсолутно јасно дека овде во Атика се соочуваме со многу интензивен временски феномен, кој се чини дека ќе трае до утре наутро, ќе влијае на Атика, веќе влијае на Евија и ќе влијае на Крит до утре попладне. Очигледно, препорачуваме голема внимателност при сите движења. Да се избегнуваат сите непотребни движења. Државниот механизам дава сѐ од себе да ги задржи патиштата отворени – рече Мицотакис и додаде дека особена важност се дава и на санација на проблемите со снабдувањето со електрична енергија.

Според податоците од Операторот на мрежата за дистрибуција на електрична енергија во текот на вчерашниот ден имало над 200 случај на паднати дрва и над 700 дефекти кои биле санирани.

Снегот што од синоќа паѓа во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ја парализираше грчката метропола, со проблеми во сообраќајот, во јавниот и морскиот превоз, додека пак поради невремето, супермаркетите денеска ќе затворат два и пол часа порано, односно во 18, наместо во 20.30 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.