Сакам уште еднаш да ги охрабрам нашите сограѓани да се вакцинираат што е можно побрзо, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на средбата со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и истакна дека од податоците од Одделите за интензивна нега во болниците, 95 отсто од пациентите не се целосно вакцинирани, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис се осврна и на фактот што над 100.000 лица на возраст од 30 до 39 години за само еден ден се пријавиле за вакцинирање и додаде дека е позитивно што процесот на имунизација, односно операцијата „Слобода“ веќе се шири и на продуктивната старосна група.

Претседателката на Грција истакна дека е „особено оптимистичко тоа што програмата за вакцинација напредува исклучително добро, бидејќи огромното мнозинство од граѓаните, а сега младите се убедени дека тоа е единственото решение за ослободување од кошмарот на пандемијата“.

Сакеларопулу и Мицотакис разговараа и за претстојниот празник и дополнителното олеснување на рестрикциите во Грција, порачувајќи дека не треба да има опуштање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.