Албанскиот претседател Илир Мета преку видео порака на социјалните мрежи ги повика Албанците на Црна Гора да ја искористат историската можност со масовно учество на изборите на 30 август, потенцирајќи дека овие избори се можност за зајакнување на европската перспектива на земјата.
Тој порача и дека Албанците треба да се чувствуваат горди за историската улога што ја одиграл и придонесот што го дал досега албанскиот фактор во Црна Гора.
Да се гордееме со досегашната историска улога и придонес на албанскиот фактор во Црна Гора. Тој несомнено ќе продолжи и во иднина, за да се гарантира европската перспектива на оваа пријателска, соседна и незаменлива партнерска земја, за мирот и стабилност во нашиот регион, порачува Мета.
За разлика од него, вчера албанскиот премиер Еди Рама ги повика сите црногорски граѓани да гласаат за партијата на Мило Ѓукановиќ „за да може земјата да продолжи да се развива“.
Благодарност што Мило постои, не само за Црна Гора, туку и за Албанија и Албанците во Црна Гора, на Косово и на други места во регионот, како и за целиот наш регион како целина, вели Рама во видео пораката.
На повиците од албанските лидери до гласачите во Црна Гора реагираше Србија. Министерот за одбрана, Александар Вулин, оценува дека кога премиерот на Албанија и „претседателот на Косово го поддржуваат Мило Ѓукановиќ на парламентарните избори во Црна Гора, тогаш не е тајна дека ги цртаат границите на „Голема Албанија“ и дека се сметаат за господари на Црна Гора“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.