Германската канцеларка, Ангела Меркел пристигна на аеродромот во Тирана, каде што ќе престојува во официјална неколкуласовна посета.

Меркел беше пречекана од министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, германскиот амбасадор во Тирана, Петер Зинграф и албанскиот амбасадор во Германија, Артур Куко.

Џачка ја поздрави германската канцеларка и преку објава на социјалните мрежи и изрази благодарност за поддршката на Меркел за европската интеграција на Западен Балкан, како и за зајакнување на соработката и развојот на регионот.

Чест и задоволство ми беше да ја поздравам германската канцеларка, Ангела Меркел, која пристигна во Тирана на важни средби со премиерот Еди Рама и лидерите од регионот. Благодарност за нејзината поддршка за европската интеграција на Западен Балкан, како и за зајакнување на соработката и развојот на нашиот регион – напиша Џачка.

Под силно обезбедување, Меркел пристигна пред Палатата на бригадите каде ја пречека премиерот Еди Рама. При поздравувањето, Рама и подаде рака, но таа го потсети на протоколите, поздравувајќи го со тупаница.

Германската канцеларка има одвоена средба со Рама, а потоа следува средба на двете делегации, додека заедничката прес конференција е околу 14:35 часот.

Таа ќе се сретне со шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, при што во преден план ќе бидат прашањата за регионалната соработка. Планирани се и разговори лице в лице со шефовите на владите на Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, и Црна Гора. Посетата на Меркел доаѓа како дел од Берлинскиот процес.

Како дел од мерките за обезбедување за време на посетата на канцеларката во Тирана и премиерите на Западен Балкан во некои делови има блокади и пренасочување на движењето на возилата. Сите граѓани од 9 до 13 часот мора да користат алтернативни правци за да стигнат до своите дестинации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.