И граѓани што не се вакцинирани добивале сертификат во болницата во Кардица на северот од земјата. Откриена е медицинска сестра што имала пристап до електронскиот систем, па им помагала на своите сограѓани што сакаат потврда бидејќи тој документ наскоро ќе им треба речиси насекаде.
Сѐ повеќе има лажни потврди за вакцинација во Грција, во кои е вклучен медицинскиот персонал од болниците. Одговорот на владата на последниот скандал во болницата во Кардица, каде што се издадени десетици лажни потврди, е усвојување закон што предвидува строги казни за сторителите.
Вмешан е медицинскиот персонал, кој има можност да влезе во системот за вакцинација и со тоа на оние што ја избегнуваат вакцината да им ги решат сите проблеми со лажна потврда. Околу педесет случаи беа откриени во болницата во Кардица за само еден месец, иако порано имало такви случаи во други градови. Системот функционирал така што во списокот биле внесувани податоците на граѓани што никогаш не се пријавиле за вакцинација, но се согласиле да земат потврди, главно без печат на лекар. Издавањето лажни потврди го организирала медицинска сестра што имала пристап до електронскиот систем. Се разбира, тоа било со соработка со граѓаните, кои на тој начин се обиделе без вакцинација да добијат сертификат, кој станува задолжителен од 13 септември при влегување во затворен простор. Постои сомневање дека бројот на издадените сертификати е многу поголем бидејќи тоа биле податоци за случаи откриени само во август.
Медицинската сестра е под истрага бидејќи, покрај тоа што издала лажни потврди, се поставува и прашањето што се случило со вакцините чии броеви биле внесени во системот, но никогаш не биле искористени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.