Исповедта на актерката Милена Радуловиќ ја охрабрила нејзината словенечка колешка да излезе во јавноста со нејзината приказна за сексуално вознемирување.

По кривичната пријава иницирана во Белград од Милена Радуловиќ, нејзината колешка и врсничка од Словенија, Миа Скрбинац излегла во јавност со тврдења дека познат актер и професор по глума две години сексуално ја малтретирал за време на студентските денови на Академијата во Љубљана.

Изјавата ја дала во гостување на ТВ Словенија.

Говорејќи во емисијата „Тједник“, чии делови беа прикажани и во главните вести на јавниот сервис, актерката рекла дека била изложена на психичко и физичко (сексуално) насилство од страна на професорот, кој не го именувала, за време на часовите по глума и надвор од наставата.

„Непријатноста која тогаш ја чувствувате и последиците кои ги носите се огромни. Тоа е постепено губење на достоинството, на самопочитта“, рекла Миа Скрбинац.

„Ме чекаше пред тоалетот, во барот Драма и на други места“, вели актерката.

Истакнала дека за време на студиите не можела да зборува за тоа.

„Ми беше срам, се срамев да си признаам на себе. Се сметав себеси за силна жена со јасни ставови. Тоа дека во таква ситуација не можам да реагирам, да се оттргнам, ми беше тешко да го поднесам“, рекла младата актерка.

Скрбинац, сепак, сè уште размислува дали да поднесе тужба против професорот. Таа не го именува професорот затоа што верува дека не е единствената што доживеала сексуално вознемирување.

Миа Скрбинац иако не го именувала професорот, за својот чин добила целосна поддршка од колегите и најава од деканот дека реакцијата ќе биде остра ако дојде до истрага.

За потсетување, актерката Милена Радуловиќ, која го обвини Мирослав Алексиќ за силување кое се случувало додека ја посетувала неговата актерска школа, покрена лавина сведоштва на жени од целиот регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.