Министерката за здравство на Албанија, Огерта Манастирлиу, на пленарна седница на албанскиот парламент изјави дека во земјата досега не е регистриран ниту еден случај на новата делта варијанта на Ковид-19.

Манстирлиу, сепак, упати апел до граѓаните за поголема внимателност затоа што, како што истакна, опасноста постои поради тоа што веќе има заразени во регионот.

Точно е дека состојбата во нашата земја има позитивни показатели веќ 15 недели наназад, со постојан пад на бројките. Но, постои опасност, заради новата делта варијанта, идентификувана во земјите од регионот. СЗО предупредува на загриженост поради оваа нова варијанта, која се шири многу побрзо. Затоа, потребна е максимална грижа – порача Манастирлиу.

Барајќи поддршка од пратениците за договорот за набавка на дополнителни дози вакцини од „Фајзер“, министерката направи пресек на процесот на имунизација.

Албанија минува низ стабилна ситуација со Ковид-19. Ова е одраз на масовната вакцинација и мерките што ги спроведовме. Реализиравме два отворени дена за вакцинација на лица над 18-годишна возраст. Се движиме со добро темпо. До сега вакцинирани се вкупно 968.034 лица, од нив 403.504 се ревакцинирани. На Собранието му предлагаме да изгласа уште еден договор за вакцини, со компанијата „Фајзер“ со кој ќе обезбедиме над милион дози – изјави Манастирлиу.

Таа информира дека почнувајќи од денеска полицискиот час се скратува за еден час и сега ќе почнува на полноќ и ќе трае, како и до сега, до шест часот, но останува мерката за забрана на музика во барови и ресторани по 22:00 часот.

Се дозволува присуство на посетители на спортски натпревари, театарски претстави, културни настани и конференции присуство, но со 30 отсто од капацитетите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.