Вистинска паника владеела синоќа помеѓу туристите во Фурка на полуостровот Касандра во Халкидики, Грција, откако гром предизвикал пожар во шумата над селото и беснеел долго во ноќта. Дел од нив испаничени уште ноќта решиле да ги спакуваат куферите и да заминат.
Во селцето, кое е популарно меѓу македонските и српски туристи, и денеска активно гори. На Халкидики, веројатно поради удари на гром предизвикани од невремето, вчера избија пет пожари во поширокиот регион на Касандра и Ситонија, а активен е само шумскиот пожар во Фурка, каде што интервенираат 76 пожарникари со четири пешадиски тимови, со 29 возила и по еден авион и хеликоптер.
Македонски туристи за „Република“ сведочат што се случувало вечерта
Нè фати паника, зошто гореше доста блиску до нас. Во апартманот до нас семејство Срби со две мали деца за 10 минути се собраа и заминаа. Ние со останатите од вилата решивме да се повлечиме кон плажата и таму поминавме неколку часа. Велат дека е под контрола, но уште гори, вели скопјанка која веќе трет ден е во Фурка со семејството.
Фотографии и видеа од невремето кое го зафати цел Халкидики се споделуваат на социјалните мрежи, но пожарите предизвикани од громовите, освен на Фурка, се веќе угасени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.