Македонската заедница во Албанија нема никаква врска со Бугарија во однос на јазикот, традициите и обичаите, велат Македонците од Преспа, Голо Брдо, Гора.

Во Албанија живеат Македонци, Бугари ниту имало ниту има. Бугарија само вештачки сака да создаде непостоечко нејзино малцинство. Според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, нема ниту една личност, ниту еден изјаснат за Бугарин во регистрите на албанската држава, зборуваме, пееме, тагуваме на македонски и тој факт никој не може да го оспори. Сме опстоиле со векови под многу притисоци, закани, нашиот македонски ген никој нема да го уништи“. Ова би бил кусиот приказ од она што може да се слушне од Македонците било да живеат во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, каде концентрацијата е најголема, но и во Тирана, Драч, Елбасан, Корча, каде што ги има по неколку десетици илјади.

Според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, нема ниту една личност, ниту еден изјаснат за Бугарин во регистрите на албанската држава. Во областа Преспа во 2011 година кога беше спроведен пописот и во селото Врбник во Деволската област, 100 отсто сите се изјаснати за Македонци. Немаме ниту еден Бугарин. Бугарска заедница во Албанија значи проектот на Голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци, таа тврди дека се Бугари и сега ја шири својата пропаганда во областите каде што живее македонското малцинство, во областа Гора, Голо Брдо, во областа Пустец, во Врбник – вели за МИА лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај е на истото мислење и вели дека во Албанија нема Бугари, туку единствено Македонци.

Јас, како и десетици илјади, меѓу нив и универзитетските професори Вита Која, Кимет Фетаху, заменик градоначалникот на Тирана Мазнику, семејството Никола, чија снаа Линдита, која исто така зборува македонски, е претседателка на Парламентот и многу други потекнуваме од Голо Брдо и секогаш гордо кажуваме дека сме Македонци. Така е и со нашинците во Гора. Еден од најголемите борци за правата на Македонците, Назиф Докле, до последниот здив ја кажуваше вистината дека во Гора живеат единствено Македонци. Колку Бугари има во Албанија? Е тоа го покажаа последните избори за пратеници во Бугарија, кога за гласање во Амбасадата во Тирана беа пријавени само вработените во неа – вели Ѓурѓај.

Тој со доза на огорченост и разочарување оценува дека „внесувањето на бугарското малцинство во законот за заштита на малцинствата во Албанија под притисок на Софија е срамен чин“.

И тие и обичните граѓани Македонци и нивните претставници организирани во единствената партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, друштвата „Илинден“, „Сонце“, „Мир“… признаваат дека последните години се соочуваат со агресивна политика од страна на Бугарија за нивна асимилација и се разочарани што албанската држава под закана од Бугарија за вето во евроинтеграциите попушти и во законот за заштита на малцинствата го внесе и бугарското.

Македонците во Албанија во последните години се соочуваат со агресивна политика од страна на Бугарија за нивна асимилација. Оваа бугарска политика на терен последните години се одвива со молчење на Албанија, во повеќе наврати и со нејзина помош, се со цел Албанија да не биде попречена од страна на Бугарија, за да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ – вели Стерјовски.

Тој додава дека така било и со признавањето на непостоечко бугарско малцинство во 2017 година, без исполнување на ниту еден критериум за постоење на едно малцинство, кога, како што тврди тој, „Албанија во последен момент потклекна пред заканите на Бугарија со вето за започнување на преговорите за членство во ЕУ“.

Стерјовски потсетува дека при расправата за Предлог-законот за заштита на малцинствата, на која присуствувал и претставник на бугарската Амбасада и на „лажните Бугари во Албанија“ на нивното барање, реагирал тој, во што го поддржал и тогашниот министер за Европа и надворешни работи, Дитмир Бушати, кој рекол дека и во „Италија и Грција со стотици илјади Албанци имаат италијански, односно грчки пасош, но не се Италијанци, ниту Грци“.

Искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија, изврши притисок врз Албанија и така беше признато во 2017 година непостоечко бугарско малцинство, кога не се исполнуваше ниту еден критериум за признавање на вакво малцинство затоа што од сите пописи направени во Албанија од создавањето на албанската држава до денес нема ниту едно лице кое се изјаснило за Бугарин. Исто така, во сите извештаи што Албанија ги прави за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство. Токму под притисокот на Бугарија во 2017 година и заканата со вето на членството на Албанија во ЕУ беше признаено непостоечко бугарско малцинство – посочува тој.

Според него Бугарија ја смета за бугарска не само македонската заедница во Албанија, туку и во балканските земји и тоа е поврзано со политиката на Софија кон Скопје.

Не дека не се свесни дека во Албанија нема бугарско малцинство. Сето ова е поврзано со политиката и односот на бугарската држава, што таа го има воопшто со македонската нација и со Македонија но и секаде каде што има македонско малцинство во другите балкански земји, Бугарија тврди дека тие се Бугари – вели Стерјовски.

Доколку видите, вели тој, македонската заедница во Албанија, нема никаква врска со Бугарија во однос на јазикот, традициите, обичаите, песните.

Таа е компактна и е на граница со Македонија, не е на граница со Софија и нема никаква врска. Ако го погледнете фолклорот, песните, на пример, имате многу песни од времето на османлискиот период што ги пееме за ослободувањето на Македонија, нема ниту една песна за Бугарија. Зборот ми е немаме никаква врска – нагласува тој.

Во однос на добивањето бугарски пасоши, тој вели дека тоа е профитабилен бизнис, дури попрофитабилен од одгледувањето хашиш, а пасош земаат не само Македонците туку и етнички Албанци.

Еден бугарски пасош сега чини од 15 до 20 илјади евра, за еден пасош. Има Албанци, Албанци, не Македонци, кои плаќаат од 15 до 20 илјади евра. Затоа, велам како бизнис е поисплатлив од садење хашиш. Чини и до 20 илјади евра еден бугарски пасош за Албанци по националност. Зборувам за албански државјани кои живеат во Албанија, а не во Бугарија – додава тој.

Посочува дека нема информации колку бугарски пасоши се издадени во Албанија во последните години, но „повеќето од нив ги имаат земено Албанците, а не Македонците“.

Бугарскиот пасош во моментов е билет за да избегате во ЕУ и како граѓанин на ЕУ да ги користите привилегиите на Европската Унија. Последниве години, овие две-три години тоа е присутно, кој земал, си заминал на запад заедно со семејството, констатира тој.

Тоа го потврдуваат и жители на Голо Брдо.

Нашата област, заедно со областа Гора се најсиромашни во Албанија. И во 21 век немаме соодветни патишта, водовод, никакви можности за вработување. Сиромаштијата која тежи врз плеќите на жителите ги принудува да земат бугарски пасош за да може да обезбедат егзистенција во некоја западноевропска земја. Тоа, ви велам е од немајкаде, принудени се, а за националното чувство тоа од нашите срца не може да го избрише никој. Нека знае секој, целиот свет, ние сме биле, сме и ќе останеме Македонци, вели Или Халилај од село Требиште.

Стерјовски, кој беше прв пратеник во албанскиот Парламент, кој јавно се декларира како Македонец, оценува и дека македонското малцинство се чувствува загрозено а однесувањето на Бугарија „внатрешно мешање во работите на Албанија, од каде пак нема никаква реакција“.

Македонското малцинство се чувствува загрозено. За жал, немаме одговор од албанската држава за сета оваа бугарска пропаганда што се одвива во областите каде што живее македонското малцинство. За нас, активноста на Бугарија, која со методите на 19. век се обидува да го асимилира македонското малцинство во Албанија е мешање во внатрешните работи на Албанија. Како пратеник во Парламентот на Албанија, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено работата на бугарската Амбасада и сите активности што ги спроведува за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Побарав реакција од албанските институции, но за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија и ја остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда и за жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство – посочува Стерјовски.

Тој нагласува и оти побарал реакција од албанските институции, но, такво нешто немало досега.

Но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда. За жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство – посочува тој.

Статус на малцинство албанските власти признаваат во општина Пустец и Врбник, но и тие доколку ја напуштат областа и се населат во друг дел на земјата автоматски во граѓанската евиденција стануваат Албанци. Македонско малцинство во Голо Брдо било признаено до педесеттите години од минатиот век, до кога имало и настава на македонски.

Според претставниците на македонските асоцијации во земјата живеат над 120 илјади етнички Македонци.

Во меѓувреме македонската заедница е пред друг предизвик, да се прифатат барањата за формирање две нови општини на македонското малцинство во областа Гора во округот на Кукс и областа на Голо Брдо во округот на Пешкопеја (Дибра), што е барање на жителите уште при донесувањето на законот во 2014 година, како и преименување на Пустец во општина Преспа.

Го поздравуваме формирањето на специјалната собраниска комисија за новата територијална реформа и се надеваме дека ќе се прифатат нашите барања. По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, Владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за да првите две ги приклучи кон општина Булќиза,а третата кон Либражд, како и општините Шиштавец, Топојан и Запот, во областа Гора, кои сега се потпаѓаат под општина Кукс. Македонците од двете области денеска се најмалку претставувани, зашто немаат ниту еден советник во општинските совети на Булќиза и Кукс, а на прсти може да се избројат оние кои се вработени во локалните самоуправи. Нема речиси никакви инвестиции па проблемите со недостиг на водовод, канализација, патишта, електрична енергија и понатаму се присутни – вели за МИА Едмонд Османи, потпретседател на македонското друштво „Мост“.

Тој оценува и дека можеби е единствен пример во светот, оној на жителите од административната единица Требиште, област Голо Брдо, кои, поради недостиг на асфалтни патишта, мораат да минат преку двата гранични премина со Македонија, за да стигнат до Булќиза за одредена услуга.

Идентична е состојбата и со жителите на Борје и Шиштевец, област Гора, кои минуваат преку два премина со Косово, за да стигнат во Кукс – рече Османи.

Тој додаде дека заедно со Стерјовски, во име на Македонците од Мала Преспа, побарале општина Пустец, која е единствена македонска општина, според актуелната територијална поделба, да се именува во Преспа, бидејќи Пустец е само едно од деветте села а исто така дури 90 отсто од територијата што ја зафаќа Националниот парк „Преспа“ е токму во оваа област.

Барањето го поддржува и друштвото „Илинден“.

Го поддржуваме барањето, како и претходно, со надеж дека дека ќе има позитивен одговор. Да напоменам дека поради лошата патна инфраструктура жителите во споменатите области, Голо Брдо и Гора, треба со часови да патуваат до општинските центри за каква било услуга, а во зимскиот период поради обилните снежни врнежи остануваат завеани со недели а згора на тоа и без електрична енергија – вели Ѓурѓај.

Македонците во Албанија и во 21 век се соочуваат со многу проблеми, чекаат одговор на барање доставено уште пред три децении, по падот на комунизмот за признавање статус на малцинство на целата територија на земјата, но како што велат она што е посебна карактеристика е нивната сплотеност, која во ниту еден момент не била доведена во прашање.

Чиста вистина е дека Македонците во Албанија, никогаш не се одвојувале по религиска припадност, православни и муслимани, туку единствено сме Македонци, што гордо го кажуваме. Заедно сме биле низ историјата, заедно сме и сега-како Македонци а кој сака нека бара негово малцинство, се му е попусто, заклучуваат соговорниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.