Македонците и другите малцинства од православна веросповед во Албанија бараат 7 јануари да влезе во календарот на официјални празници.

Како што објави весникот Илинден, гласило на Македонците од Тирана, барање за тоа денеска до албанскиот законодавен дом доставил Васил Стерјовски, пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Денеска во албанското Собрание поднесов амандман за дополнувања на законот бр. 7651, од 21.12.1992 година „За официјалните празници и спомен денови “. Преку овој амандман, предлагам албанското Собрание да го внесе во календарот на празници во Република Албанија, 7-ми јануари, Божик според Јулијанскиот календар и тој да биде неработен ден за македонското, српското и црногорското национално малцинство од православна вероисповед, изјави Стерјоски за Илинден.

Во образоложението наведува дека Божик, Хрстовото раѓање, е еден од најголемите празници за православните христијани и за таа цел, неговото славење на достоинствен начин е неопходност за сите припадници на македонското, српското и црногорското национално малцинство од православна вероисповед во Албанија.

Поддршка на оваа иницијатива даде Советот на општина Пустец, кој смета дека е многу неопходно, со оглед на фактот дека Општина Пустец е населена со 100 отсто македонско население од православна вероисповед. Ги слават православните празници вклучително и Божик според Јулијанскиот календар, вели Стерјовски.

Тој посочува дека целосна поддршка дал и Државнот комитет за малцинства, како и сите здруженија кои ги застапуваат интересите на македонското, српското и црногорското малцинство во Албанија и се грижат за нивниот национален, верски, културен идентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.