На Твитер денеска се појави информација дека починал поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, која веднаш е демантирана од Хашкиот трибунал.
Лажниот Твитер налог на босанската министерка за надворешни работи, Бисера Турковиќ е креиран од италијанскиот новинар Томазо Дебенедети, кој е познат по вакви слични „измами“.
Информациите за смртта на Ратко Младиќ не се точни и ги демантираме, изјави за Н1 портпаролката на судот во Хаг, Хелена Еглстон, одбивајќи да ја коментира здравствената состојба на затвореникот.
Информацијата ја демантираше и неговиот син Дарко Младиќ, кој истакна дека тој „веројатно прв би разбрал доколку неговиот татко починал“.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ исто така ги отфрли информациите дека Младиќ починал.
Твитер налогот е отворен минатиот месец и доколку се отфрлат неточните информации за смртта на Младиќ, делувало дека станува збор за лажен профил, на што укажува и последниот твит: „Овој налог е лажен и е креиран од италијанскиот новинар Томазо Дебенедети“.
Тој е познат по слични „измами“, а тврди дека неговата мисија е да го измени начинот на кој го користиме интернетот. Во текот на својата кариера има објавено повеќе од 60 измислени интервјуа со истакнати личности, меѓу кои Џон Гришам, Дезмонд Туту, Михаил Горбачов, кардиналот Рацингер и Далај Лама. Во последните години користи лажни налози на Твитер и објавува лажни вести. Некои го нарекуваат „сериски измамник“, а други „активист на социјалните мреќи“, пишува Бизнис инсајдер.
Ратко Младиќ, инаку, се подготвува за почеток на жалбената постапка, која е најавена за 17 и 18 март. Предвидено е во текот на процесот Младиќ да им се обрати на судиите.
Хашкиот трибунал го осуди првостепено Младиќ на доживотна казна затвор по десет од 11 точки на обвинението
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.