Косовскиот премиер, Албин Курти, истакна дека Европската Унија и САД не вршат притисок врз него за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој е во прекин од септември минатата година, кога во Вашингтон се сретнаа тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Алксандар Вучиќ.
Обраќајќи им се на новинарите во Призрен, каде што го посети тамошниот бизнис парк, Курти потврди дека кон средината на овој месец ќе се сретне со Вучиќ во Брисел.
Ќе имаме една средба кон средината на јуни. Притисоци немам, туку имаме постојана дискусија. Дијалогот ќе биде принципиелен, ќе биде праведен, при што Косово нема да биде објект на масата, туку страна во преговорите. Ќе го претставуваме Косово со нашата програма и со совеста и одговорноста која сме ја покажале досега – изјави Курти.
Прашан за заедницата на општини со мнозинско српско население, косовскиот премиер истакна дека нема да има еднонационална заедница.
Што ќе се случи со заедницата, тоа го кажа и петицијата на граѓаните и тогашните опозициски дејствија, како и одлуката на Уставниот суд. Во Косово не може да има еднонационална заедница, значи неопходно е да ги интегрираме сите граѓани, без оглед на етничката припадност, да не создаваме творби кои ги одделуваат – изјави Курти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.