Подготовките за нова фаза на меѓупартиски дијалог во Србија, со посредство на европратениците, започнаа со видео конференција помеѓу претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ и претседателот на Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, по состанокот, на кој е иницирана втората фаза од меѓупартискиот дијалог, Дачиќ ги повика сите политички партии кои сакаат да учествуваат во дијалогот да се обратат до српскиот Парламент, да предложат претставници и платформи за дијалог, како и да назначат двајца постојани претставници кои ќе учествуваат во дијалогот од почеток до крај.

По видео-средбата со претставниците на Европскиот парламент, Дачиќ на новинарите им изјави дека оваа покана се однесува и на партиите кои не сакаат меѓународно посредување.

Според него, партиите се повикани да дадат предлози за подобрување на изборните услови, тоа се партии кои претставуваат релевантни политички фактори, а повикот се однесува и на власта и на опозицијата.

Како што потврди Дачиќ, на видео конференцијата учествуваа и посредниците на ЕП, Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн, Тања Фајон и Владимир Билчик.

-Ја изразив и одлучноста на властите во Србија дека сакаме меѓупартискиот дијалог да се одвива успешно. Претставниците на ЕП говореа доста конструктивно, и на некој начин, ова беше почетна активност на втората фаза од меѓупартискиот дијалог, изјави Дачиќ, кој додаде дека е договорено продолжување на консултациите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.