Опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД) изведе денеска симболична акција во центарот на косовскиот главен град, во знак на протест поради одлуката на Владата на Албин Курти за затворање на детските градинки во наредните две недели, јави дописникот на МИА од Приштина.

Активисти на ПСД поставија на влезот во зградата на косовската Влада десетици бебешки шишенца за млеко со цуцли, порачувајќи дека владината одлука претставува запоставување на децата и дискриминација на жените.

Овие цуцли ја пренесуваат пораката дека децата во градинките се запоставени од страна на државата и повторно сиот товар за грижата за нив е оставен на мајките и жените кои се дискриминирани. Ова се случува во време кога се отворени верските објекти, угостителството и сé друго и кога се дозволени партиските собири, изјави портпаролката на ПСД, Натира Кучи.

Според неа, главна цел на Владата на Курти е да ги затвори жените во нивните домови и неговата партија, Движење Самоопределување, да продолжи со митинзите и кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври.

Владата на Курти е нееманципирачка и ја бетонира улогата на жената во општеството, со цел да ја задржи дома додека да се намалат бројките на заразени, за да продолжат со изборната кампања и митинзите, изјави Кучи.

Владата на Косово вчера усвои нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, со кои до 26 овој месец се затвораат детските градинки и се одлага почетокот на учебната година во основните и средните училишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.